Се ближи крајот на Премиер Лигата, до крајот ни остануваат уште пет кола, а битката за титулата влегува во најжешката фаза. Дербито на колото, а со оглед на важноста на резутатот, може да се каже и најважниот натпревар сезонава во Премиер Лигата, каде Арсенал како лидер на табелата ќе допатува на „Етихад“ кај вторполасираниот Манчестер Сити, денес од 17:30 часот, може да ни даде одговор дали шампионатот ќе биде решен или трката во преостанатите кола ќе влезе во својата најнеизвесна фаза, па победникот може да биде одлучен и во фото-финишот.
Арсенал со киксот против Борнмут во предходното коло, дополнително ги подгреа стравовите на фановите дека Артета и играчите попуштаат под психолошкиот притисок, сценарио кое веќе им е познато од минатото. Од друга страна стои тимот на Пеп кој во повеќе наврати веќе има докажано дека како се ближи крајот на сезоната, формата им иде во нагорна линија и можат да се изборат со секаков притисок и да дојдат до трофејот.
За двете екипи ова ќе биде натпревар да се биде или не, иако Арсенал е на првата позиција со шест бодови повеќе од Сити, но и со натпревар повеќе, евентуална победа на Сити денес, би значела доближување на само три бода негатива, а Сити би имал и натпревар помалки. Доколку дојдат во ситуација да имаат ист број на бодови, ќе одлучува гол разликата, која во моментов е скоро изедначена, поточно Арсенал е во предност од 3 гола.
Сити веќе има искуство во последните години со вакви неизвесни и изедначени трки за титулата до самиот финиш, кога против Ливерпул освојуваа титули со само еден бод разлика, а својот прв трофеј во Премиер Лигата исто така го освоија во неверојатен фото-финиш со својот градски ривал Манчестер Јунајтед. Тогаш Кун Агуеро, во последната минута од натпреварот постигна гол за победа над КПР, со што ривалите од Манчестер ја завршија сезоната со ист број бодови, но Сити поради подобрата гол разлика дојде до титулата.
За Артета и Арсенал овој натпревар ќе биде клучен, да докажат на сите кои сметаат дека „Топџиите“ немаат менталитет да го издржат притисокот и конечно после 22 години чекање, да го вратат на „Емирати“ шампионскиот пехар. Последен пат тоа го направија во историската 2003/2004 сезона, кога предводени од легендарниот Арсен Венгер, ја освоија титулата во Премиер Лигата без ниту еден пораз.
Се е подготвено за спектакл на „Етихад“.

