Меѓународен фудбал Фудбал

Сити донесе супер-талент: Џереми Монга потпиша за „граѓаните“

Еден од најголемите таленти во англискиот фудбал, Џереми Монга, и официјално е нов фудбалер на Манчестер Сити, соопшти актуелниот вицешампион на Премиер лигата. 17-годишниот крилен напаѓач потпиша долгорочен договор со клубот од Етихад до летото 2031 година, а во тимот на Сити пристигнува од Лестер во трансфер вреден 12 милиони евра плус дополнителни бонуси.

Младиот фудбалер не го криеше задоволството од овој голем чекор во неговата кариера, потенцирајќи го развојниот пат кој Сити го нуди за младите играчи.

„Веднаш знаев дека Манчестер Сити е вистинскиот избор за мене, ова е остварување на сонот за секој млад фудбалер. Ова е најдобриот клуб во Англија во последните 10 години. Клубот им даде вистинска шанса на играчи од својата академија, како Фил Фоден и Нико О’Рајли, што докажува дека патот до првиот тим навистина постои. Привилегија е да се биде тука“, изјави Монга.

Новата англиска надеж зад себе има одлична натпреварувачка година во која одигра 30 натпревари во дресот на Лестер, а воедно има запишано и 10 настапи за младинската репрезентација на Англија. Манчестер Сити новата сезона во Премиер лигата ја започнува на 23 август, кога на домашен терен ќе го пречека составот на Борнмут.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.