Јаник Синер би можел да не настапи на последниот гренд слем во сезоната, а ваквиот развој би можел сериозно да влијае врз распределбата на силите во Њујорк. Италијанецот сè уште не донел конечна одлука поради проблемите со коленото. Според информациите на „Газета дело Спорт“, светскиот рекет број еден се вратил во Торино, каде што започнал со процесот на опоравување. Синер веќе одработил и прв тренинг во затворен простор, но допрва треба да помине дополнителни медицински прегледи.
Токму резултатите од прегледите ќе бидат клучни за неговиот настап во Њујорк. Тимот на Италијанецот не сака да презема непотребен ризик, па доколку процени дека коленото не е целосно подготвено, Синер би можел да донесе одлука да го пропушти турнирот.
Неговото евентуално отсуство би било голема можност за Новак Ѓоковиќ. Без првиот носител, патот на српскиот тениски ас до самата завршница би бил значително полесен, особено ако се има предвид дека Ѓоковиќ во Њујорк би можел да има поповолни услови отколку во Синсинати. Неизвесност има и околу Карлос Алкараз, кој се враќа на АТП турнејата по подолга пауза. Шпанецот последен пат настапи во април во Барселона.Токму затоа, евентуалното откажување на Синер би можело дополнително да ја промени сликата пред стартот на УС Опен и да му отвори значително подобра можност на Ѓоковиќ за нов голем резултат.

