Јаник Синер предвреме ја заврши сезоната 2026 и нема да се враќа на тениските терени до крајот на годината. Италијанецот, кој моментално е лидер на АТП-листата, донел одлука за пауза поради проблемите со коленото. Синер последниот натпревар го одигра во јули, кога во финалето на Вимблдон го совлада Александар Зверев и стигна до својата прва титула на престижниот лондонски гренд слем. По тој триумф, сепак, не се појави на ниту еден турнир.
По консултациите со медицинскиот тим, првиот светски рекет одлучил сега да започне со лекување, наместо да ризикува дополнително влошување на повредата.
„Заедно со лекарите одлучив дека морам да поминам низ процес на лекување на коленото, што значи дека сезоната 2026 официјално е завршена“, порача Синер преку видеообраќање објавено на социјалните мрежи.
Италијанецот не крие дека одлуката тешко му паѓа, особено затоа што со завршницата на сезоната традиционално следи периодот кој за него во последните години носеше посебни емоции.
„Последните неколку години, а особено завршницата во Торино, ми донесоа многу убави чувства и емоции. Оваа година ќе биде поинаку. Морам да мислам на мојата долгорочна кариера и ќе направам сè што е во моја моќ да се вратам целосно подготвен“, додаде Синер.
Од неговиот тим потврдија дека станува збор за лекување на воспалението на коленото, со цел Италијанецот да има доволно време за целосно закрепнување пред почетокот на подготовките за новата сезона. Покрај пропуштените турнири, паузата може да има последици и врз неговата позиција на врвот на светскиот тенис. Синер ризикува да го загуби првото место на АТП-листата додека е надвор од терените.
Сезоната зад него, инаку, беше исклучително успешна. Синер освои пет последователни мастерс-титули – во Индијан Велс, Мајами, Монте Карло, Мадрид и Рим, а во тој период успеа да оствари и серија од 30 победи по ред, најдолга во неговата кариера. Круна на тој период беше Вимблдон, каде што со победата над Зверев стигна до уште еден голем трофеј. Сега, наместо борба за нови титули, приоритетот за Синер е целосно закрепнување и што подобра подготовка за враќањето на терените во 2027 година.

