Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, се огласи по повод актуелната ситуација со аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез, кој во моментов тренира одвоено од остатокот од екипата. Пред гостувањето кај Севиља во рамките на шпанската Ла Лига, Симеоне на официјалната прес-конференција го појасни статусот на својот фудбалер и потврди дека тој нема да биде во комбинација за претстојниот дуел.
„Ги разбирам сите прашања околу Хулијан. Клубот беше многу јасен во таа насока. Од спортски аспект, се надевам дека ќе му помогнам да продолжи да биде важен дел од тимот, што е и во моментов. Мојот фокус е на натпреварот со Севиља, а тој нема да игра. Кога ќе се врати, ќе му дадеме сè што е потребно за да се чувствува како важен дел од екипата. Во животот сè може да се реши сè додека сме здрави“, порача Симеоне.
Аргентинскиот стратег истакна дека оваа ситуација нема да има негативно влијание врз атмосферата во соблекувалната, потенцирајќи дека екипата одлично влегла во сезоната по квалитетните изданија против Малага и Виљареал. Симеоне додаде дека го очекува уште еден тежок и предизвикувачки меч против Севиља, која силно го започна шампионатот и игра со голема енергија пред својата домашна публика.

