Фудбалскиот клуб Силекс активно работи на засилување на својот играчки кадар и денеска официјално го потврди ангажманот на двајца интернационалци од Босна и Херцеговина, Есмир Хасукиќ и Нихад Шеро. Двајцата офанзивни фудбалери се донесени за да ја зголемат конкуренцијата во тимот и ќе му бидат на располагање на стручниот штаб за претстојните натпревари во квалификациите за Лигата на конференции ова лето, како и за предизвиците во домашниот шампионат и Купот на Македонија.
Помладиот од босанското дуо е 24-годишниот напаѓач Есмир Хасукиќ, кој во Кратово пристигнува како слободен агент по истекот на обврските со Гошк Габела, каде во второрангираното натпреварување постигна 13 голови на 19 одиграни натпревари. Во својата досегашна кариера тој има настапувано и за Борац Бања Лука, Радник Бијелина, Звијезда Градачац и Слобода Тузла.
Второто ново име во таборот на кратовци е 27-годишното десно крило Нихад Шеро, кој доаѓа од редовите на Челик Зеница каде минатата сезона забележа 24 настапи и постигна осум погодоци. Шеро зад себе има богато искуство во босанскиот шампионат настапувајќи за неколку клубови, а воедно има забележано и интернационален престој во првенството на Албанија како член на Билис Балш.

