Македонски фудбал Фудбал

Силекс ја сруши Шкендија и дојде до трофејот во Купот!

Фудбалерите на Силекс се освојувачи на Купот на Македонија за оваа натпреварувачка сезона. Тимот од Кратово успеа да ја совлада тетовската Шкендија со минимален резултат 1:0 во големото финале. Натпреварот беше исклучително тврд, со многу силни дуели и тактичко надмудрување на средината од теренот. Со овој голем триумф, кратовци обезбедија и сигурен пласман во квалификациите за Лигата на конференции.

Првото полувреме помина во рамноправна борба во која двата тима главно чекаа грешка на противникот. Најпрво се закани фудбалерот Алиќ уште во 9. минута, но голманот Гаје беше внимателен. Потоа Шкендија ја презеде иницијативата и се закани преку Ндзенгуе, чиј удар со глава го одбрани Џеков. Во самиот финиш од првиот дел, Красниќи за малку задоцни да ја смести топката во мрежата.

Вториот дел донесе многу подинамична игра и неколку сериозни прилики на двете страни од теренот. Чуварот на мрежата Џеков со одлична парада го спаси Силекс по опасниот удар на Љатифи во 65. минута. Одлучувачкиот момент на натпреварот се случи во 71. минута по голема грешка на репрезентативецот Фетаи. Додев вешто ја украде топката, проби од левата страна и одлично асистираше до осамениот Алиќ. Тој од само неколку метри прецизно стрелаше за водство и огромен куп-трофеј за Силекс.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести