Силекс полека фаќа вистински победнички залет во Првата македонска фудбалска лига, откако во веведниот натпревар од 11. коло рутински го совлада новиот прволигаш Шкендија Арачиново со 2:0. Избраниците на Александар Васоски одиграа максимално зрело пред сопствената публика, а прво име на средбата беше босанскиот офанзивец Есмир Хасукиќ, кој ги постигна двата погодоци за кратовци.
Домаќините не можеа да замислат подобар почеток на натпреварот. Уште во 3. минута, по одличниот центаршут на Делимеѓац од десната страна, Хасукиќ одлично ја следеше акцијата и со прецизен удар со глава го совлада голманот Столевски за експресно водство од 1:0. Кратовци го диктираа темпото во текот на целиот прв дел, пропуштајќи уште неколку шанси за убедлива предност преку Хасукиќ и Шеро, додека гостите се заканија единствено преку Симоновски, чиј удар го неутрализираше добро поставениот Џеков.
Печатот на триумфот пристигна на самиот почеток од второто полувреме. Хасукиќ повторно ја искористи слабоста во дефанзивата на гостите и ја смести топката во мрежата. Иако линискиот судија првично сигналзираше офсајд, по деталната ВАР-проверка главниот арбитар Ристовски покажа на центарот за заслужено водство од 2:0.
Зголемената нервоза кај гостите кулминираше во 69. минута со поголема мешаница на теренот, која судијата ја смири со неколку жолти картони. Во финишот Силекс пропушти уште неколку можности за уште поубедлива победа, но и овој резултат беше повеќе од доволен за зачувување на сите три бода во Кратово.

