Кратово попладнево ќе биде центар на домашната фудбалска сцена, каде што Силекс и Брегалница ќе ги одмерат силите во источното дерби во рамките на 7. коло од Првата македонска фудбалска лига. Двата тима влегуваат во оваа пресметка под голем притисок и со јасна императивна задача, освојување на трите бода за прекин на негативните низи и враќање на победнички колосек.
Домаќинот Силекс се наоѓа во сериозен резултатски пад откако врза три порази во низа против Вардар, Шкендија и Струга, со што падна на седмото место на табелата. Кратовци ја бараат првата победа уште од 15 август кога го совладаа Скопје, па пред своите гледачи ќе мора да покажат карактер и реакција за да излезат од кризата.
Од друга страна, штипска Брегалница го зазема осмото место со шест бода и три порази на последните четири првенствени дуели. Неубедливите изданија донесоа и тренерска смена во текот на неделава, Никола Јанкулов доби отказ, а кормилото му беше доверено на Мијалче Прошев. Штипјани традиционално знаат да одиграат добро во Кратово и ја имаат историјата на своја страна, со оглед на тоа што Силекс последен пат го совладал овој ривал на домашен терен уште во април 2017 година.

