Македонски фудбал Фудбал

Силекс и Шкендија закажаа пресметка за трофејот во Купот на Македонија

По возбудливите реванш пресметки во полуфиналето, екипите на Силекс и тетовска Шкендија обезбедија пласман во големото финале на Купот на Македонија. Иако се соочија со силен отпор од второлигашките конкуренти, фаворитите на крајот ја оправдаа својата улога и ќе се борат за престижниот пехар.

Екипата на Силекс успеа минимално да го совлада Охрид со 1:0, што по нерешените 1:1 во првиот дуел, беше доволно за пласман во завршницата. Кратовци беа поконкретни на теренот, иако во 25-тата минута пропуштија златна шанса за водство кога Ади Алиќ не реализираше пенал, шутирајќи директно во гостинскиот голман Дамјан Серафимов. Сепак, правдата беше задоволена во 34-тата минута кога беше досуден нов удар од 11 метри, кој овојпат Дарко Додев успешно го претвори во гол за конечен триумф и голема радост во Кратово.

Во второто полуфинале, Шкендија од Тетово славеше на гостувањето кај Шкендија Арачиново со 2:0. Иако прволигашот ја имаше доминацијата во текот на целиот натпревар, отпорот на мотивираните домаќини беше скршен дури во самиот финиш. Себастијан Спахиу ги доведе гостите во водство во 86-тата минута, а само две минути подоцна Ричард Ндзенге го потврди триумфот. Мечот го одбележа и црвениот картон на Ромарио Роналдо Вебстер во судиското надополнување, но тоа не ја расипа прославата на тетовци кои се насочуваат кон финалната битка за трофејот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести