Центарот на Скопје вo сабота ќе биде обоен во црвено-бела боја, откако швајцарските навивачи најавија организирано присуство пред пресметката со Македонија на стартот од новата сезона во Лигата на нации. Според официјалниот план и упатствата издадени од Швајцарската фудбалска федерација, фановите на гостите ќе почнат да се собираат кај Градскиот трговски центар (ГТЦ) од 16:00 часот, по што во 19:00 часот организирано во марш ќе се упатат кон Националната арена „Тодор Проески“.
Иако швајцарската куќа на фудбалот побара апсолутна дисциплина и културно однесување низ скопските улици, со посебна молба да не се лепат налепници и да се чува локацијата каде што ќе се собираат, на трибините се подготвува вистински автентичен колорит. Покрај традиционалните државни знамиња, на гостинскиот сектор ќе биде дозволено внесување и на препознатливите швајцарски кравји ѕвонци, кои треба да го диктираат нивниот навивачки ритам.
Што се однесува до случувањата на теренот, Швајцарија во Скопје пристигнува со значителен хендикеп, со оглед на тоа што првата ѕвезда и капитен Гранит Џака ќе го пропушти дуелот поради суспензија. Сепак, во македонскиот табор владее максимална мобилизација. Репрезентативците предупредуваат дека против себе имаат елитен ривал и дека концентрацијата мора да биде на највисоко можно ниво од првата минута, бидејќи во овој меч од 20:45 часот секоја ситна грешка може скапо да се плати.

