Репрезентацијата на Шпанија е вториот полуфиналист на Светското првенство, откако во Лос Анџелес ја совлада Белгија со 2:1. Со овој триумф, „црвената фурија“ закажа вистинско европско дерби против селекцијата на Франција во борбата за големото финале.
По нешто помирниот почеток на натпреварот, Шпанците стигнаа до водство во 30-тата минута. Ламин Јамал и Педро Поро ја креираа акцијата, Дани Олмо прв упати удар, а одбиената топка во мрежата на Куртоа ја смести Фабијан Руиз. Сепак, Белгија експресно одговори и практично од првата посериозна прилика стигна до израмнување. Во 41-вата минута, Тимоти Кастањ одлично центрираше, а Шарл Де Кетеларе им побегна на чуварите и со глава го совлада Унаи Симон за 1:1.
Во второто полувреме Шпанија ја имаше иницијативата и ја контролираше топката, додека Белгијците се закануваа преку опасни контранапади. Најблиску до гол за „црвените ѓаволи“ беа Кевин Де Брујне и Максим Де Кујпер, чиј удар заврши во надворешниот дел од мрежата.
Голем малер за Белгија се случи во 71-вата минута кога поради повреда теренот мораше да го напушти првиот голман Тибо Куртоа, а на негово место меѓу стативите застана Сене Ламенс.
Кога веќе изгледаше дека натпреварот ќе замине во продолженија, Шпанија стигна до победата во 88-мата минута. Младиот Пау Кубарси упати силен удар од далечина, резервниот голман Ламенс лошо интервенираше, а на одбиената топка налета Микел Мерино кој рутински погоди за 2:1 и донесе огромно славје за својата селекција.

