Актуелниот европски првак Шпанија вечерва од 18:00 часот го започнува својот престижен поход кон светскиот трон, а прва пречка во Атланта ќе им биде селекцијата на Зеленортските Острови. На хартија, овој дуел од групата Х претставува еден од најголемите соодноси на сили на стартот на турнирот, од една страна е моќната „фурија“ која важи за главен фаворит, а од друга тотален дебитант на Светските првенства.
Сепак, Шпанците немаат право на никакво потценување. Оваа островска држава со помалку од 600.000 жители веќе покажа заби во подготвителниот период, откако пред само две недели брутално ја шокираше Србија со убедливи 3-0 во Лисабон.
Селекторот Луис де ла Фуенте доби одлични вести пред премиерата бидејќи младите суперѕвезди Ламин Јамал и Нико Вилијамс целосно закрепнаа од повредите и се вратија на тренинзите. Сепак, останува да се види каква минутажа ќе добијат со оглед на тоа што поради проблемите со задната ложа ја пропуштија завршницата од клупската сезона. Предводени од моторот Родри, како и креативците Педри, Гави и Дани Олмо, Шпанците се подготвени за сигурен старт, а сè освен нивен убедлив триумф вечерва ќе биде првокласна сензација во Америка.

