Меѓународен фудбал Фудбал

Шпанија славеше против Англија во спектаклот на „Вембли“ (ВИДЕО)

Шпанија продолжи да испишува фудбалска историја, рушејќи ги надежите на Англичаните на нивниот сопствен храм во Лондон. Во вистински фудбалски трилер исполнет со пресврти, промашен пенал и дури пет погодоци, актуелниот светски и европски првак ја совлада Англија со 2-3, остварувајќи го својот 40-ти последователен натпревар без пораз.

Натпреварот започна со ладен туш за домашните навивачи кога Марк Гехи катастрофално погреши, подарувајќи му го отворањето на резултатот на Ламин Јамал. Иако Шпанците ги диктираа работите во воведниот дел, „гордиот албион“ експресно се разбуди во финишот на првото полувреме. По грешката на Нико Вилијамс, Ентони Гордон реализираше брза контра за 1-1, а набрзо потоа Хари Кејн со глава, со мала помош од одбивањето од Кукуреља, донесе потполн пресврт за радост на трибините.

Сепак, пресвртницата на мечот се случи на стартот од вториот дел. По прекршокот на Родри над Белингем, Кејн имаше идеална шанса од белата точка да ги однесе Англичаните на два гола предност, но во клучен момент се лизна и ја затресе само пречката. Тој промашен пенал ги разбуди шпанците. Влегувањето на Алекс Баена го смени целиот тек, најпрво самиот погоди за 2-2 по одземената топка на Дани Олмо, а во 74. минута му асистираше на Микел Ојарзабал, кој со веќе препознатлив лоб-удар преку Џејмс Трафорд го повтори кошмарот за Англија од финалето на ЕП 2024 и ги постави конечните 2-3.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.