Македонски ракомет Ракомет

Шоу на Валах и Воркапиќ: Вардар го демолираше Олимпијакос во Охрид!

Македонскиот шампион Вардар оствари убедлива победа над грчки Олимпијакос со 39-27 на стартот од турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид. „Црвено-црните“ настапија без капитенот Лазаревски, но целосно доминираа од почетокот до крајот на натпреварот.

Натпреварот беше израмнет само во првите неколку минути. Потоа Воркапиќ со серија погодоци донесе почетна предност за скопскиот тим. Голманот Милош Валах беше брилијантен на голот и брзо нанижа 10 успешни интервенции. Вардар веќе во 16-тата минута имаше висока предност од 12-3. На пауза се замина со убедливи 21-11, благодарение на 13-те одбрани на Валах.

Во второто полувреме тренерот Чупиќ им даде шанса и на помладите ракометари во тимот. Ритамот на македонскиот првак не се намали ниту во продолжението од мечот. Конечните „плус 12“ беа поставени со погодок во празна мрежа на младиот Николче Нечоски.

Голманот Валах беше прогласен за МВП на мечот со вкупно 15 одбрани. Најефикасни во нападот беа Воркапиќ и Фадуиљ со по седум погодоци. Во рамките на првиот ден од турнирот, во салата „Билјанини извори“ се играат и дуелите Охрид – Египет и Загреб – Војводина.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.