Евролигата доби уште една лоша вест за долготрајна пауза на една од своите најважни фигури. По тешката повреда на Ахиловата тетива на Мајк Џејмс, со огромен проблем се соочи и Реал Мадрид, откако беше потврдено дека Аргентинецот Габриел Дек ќе мора да замине на операција на левото рамо и ќе отсуствува од терените во следните четири до пет месеци.
Првичните проценки во таборот на „кралевите“ беа дека се работи за полесен удар поради кој Дек ќе го пропушти само дуелот против Манреса во АЦБ лигата и претстојното двојно коло во Евролигата. Сепак, по деталните прегледи беше утврдено дека оштетувањето е сериозно и бара итна хируршка интервенција. За борбениот кошаркар ова е трета тешка повреда во последните три години, откако претходно го оштети коленото во плејоф-серијата со Партизан и подоцна го оперираше колкот.
Отсуството на Дек создава сериозна празнина во ротацијата на Педро Мартинез, бидејќи станува збор за играч кој врши огромна работа на двата краја од теренот. Шпанскиот стратег сега ќе мора да бара внатрешни решенија, најверојатно со поголема минутажа за Алберто Абалде или конечно со давање шанса на Габриеле Прочида во Евролигата, кој игра одлично во домашното првенство. Доколку внатрешните опции не дадат резултат, Реал сигурно ќе го следи пазарот во потрага по засилување.

