Сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, за првпат поотворено проговори за можноста еден ден да се повлече од управувањето со грчкиот гигант. Во гостување во подкастот „EuroInsiders“, Јанакопулос призна дека веќе размислува за животот по Панатинаикос, иако засега нема конкретен план за продажба или заминување од клубот.
„Имам една и пол нога внатре, а половина нога надвор“, порача тој, додавајќи дека никогаш не ветил дека ќе биде на чело на клубот засекогаш.
Јанакопулос потсетил дека во 2012 година дури размислувал да го продаде Панатинаикос, но неговиот татко го убедил да не го направи тоа и да го зачува семејното наследство. Оттогаш, клубот повторно се искачи на врвот на европската кошарка, а сопственикот денес ја проценува неговата вредност на околу 500 милиони евра.
Сепак, Јанакопулос јасно стави до знаење дека не сака истата обврска еден ден да падне врз неговите деца.
„Дефинитивно нема да им ја пренесам таа обврска на моите деца и да ги ставам во позицијата во која јас бев во 2012 година“, изјави тој.
Иако нема најава за непосредна промена, неговите зборови отворија сериозно прашање за иднината на Панатинаикос и за тоа кој би можел да го преземе клубот доколку Јанакопулос навистина реши да се повлече.

