Други спортови Останато

Шок на Вуелта: Тежок пад и повлекување на Тадеј Погачар (ВИДЕО)

Она што никој не посакуваше да го види се случи за време на осмата етапа од Вуелта а Еспања. Водечкиот во генералниот пласман и еден од најдобрите велосипедисти на денешницата, Словенецот Тадеј Погачар, доживеа тежок пад на 33 километри пред целта, по што мораше предвреме да го заврши настапот и да ги прекине сите надежи за освојување на единствениот Гранд тур трофеј кој му недостасува во кариерата.

Снимките од хеликоптер покажаа дека Погачар, кој се возеше на левата страна од главната група, ненадејно скрена водесно и се судри со еден велосипедист од екипата на Висма, со што предизвика пад на повеќе натпреварувачи. Поради длабоки рани и расекотини на левото рамо и лицето, светскиот шампион веднаш беше пренесен со медицинско возило. Во моментот на инцидентот, Словенецот имаше убедлива предност во генералниот пласман од три минути и 50 секунди пред Енрик Мас и уште една минута повеќе во однос на Примож Роглич.

Според првичните информации, Погачар за среќа не претрпел опасни повреди по животот, но неговото состојба беше доволно лоша за да мора да се повлече. Сè уште се чека деталната медицинска дијагноза, а не се исклучува ниту можноста сезоната за него веќе да е завршена, што би значело и потенцијално пропуштање на Европското првенство на домашен терен.

За тоа колку ретко се случуваат вакви моменти во неговата кариера говори и фактот што Погачар последен пат имаше пад пред 503 дена на класикот Париз – Рубе, трка која и покрај падот ја заврши на второто место, додека последен пат не успеа да заврши трка уште во 2023 година на монументот Лиеж – Бастоњ – Лиеж.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.