Меѓународен фудбал Фудбал

Шкотска не успеа да го скрши отпорот на Словенија, Облак блескаше (ВИДЕО)

Словенија и Шкотска одиграа без голови (0:0) во Љубљана во натпревар од групата Б1 во Лигата на нациите. Дуелот донесе неколку сериозни шанси на двете страни, но ниту една од репрезентациите не успеа да го пронајде патот до мрежата. Домашната селекција можеше да стигне до водство уште во раната фаза од натпреварот. Во седмата минута Андраж Шпорар ја затресе мрежата по брза контра, но радоста на Словенците траеше кратко бидејќи голот беше поништен поради офсајд.

Словенија повторно се закани по половина час игра, кога Ванја Дракушиќ упати удар по кој топката заврши во рамката од голот. Шкотска возврати во финишот на првото полувреме, а Роб Јур, кој го запиша својот прв настап за националниот тим, ја погоди стативата во последните секунди пред паузата. Во второто полувреме гостите беа поопасни и создадоа неколку можности за погодок. Сепак, на голот на Словенија беше расположен Јан Облак, кој со неколку одлични интервенции спречи Шкотска да стигне до водство.

Били Гилмор и Оли Мекбарни имаа свои шанси во продолжението, но словенечкиот голман остана несовладан, па двете селекции мораа да се задоволат со по еден бод. За Словенија ова беше шести натпревар против Шкотска во историјата, а интересен е податокот дека сè уште нема остварено победа против овој противник. Досега има четири нерешени резултати и два порази.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.