Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Шкотите го окупираа Бостон и докажаа зошто се најдобрите навивачи во светот! (ВИДЕО)

Сите претходни критики и скептицизам од Европа дека Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико ќе пропадне поради строгите имиграциски политики и наводно „недостојните“ стадиони, полека паѓаат во вода уште по првите неколку дена од почетокот на Мундијалот.

По одличните атмосфери во Лос Анџелес и Њујорк кои ги воодушевија дури и легендите како Тјери Анри и Златан Ибрахимовиќ, на сцена стапи Бостон, кој е комплетно окупиран од шкотската „Тартан армија“. Шкотските навивачи уште еднаш докажаа зошто со право важат за можеби најдобрите, највеселите и најпопуларните навивачи во светот. Каде и да се појават, тие со себе носат незаборавна позитивна енергија, пристигнуваат во огромна бројка, гордо носејќи ги своите традиционални килтови и препознатливиот звук на шкотските гајди.

Она што најмногу ги воодушевува локалните жители е нивната неверојатна добрина, максималната почит што ја покажуваат кон домаќинот, а секако и огромните количини испиено пиво кои совршено се вклопуваат во нивниот препознатлив навивачки колорит.

Нивната мундијалска приказна во Масачусетс започна со големо славје по минималната победа на Шкотска над Хаити со 1-0 на стадионот во Бостон, но вистинското лудило настана во деновите потоа кога Шкотите решија да посетат еден автентичен американски спортски настан.

Имено, во рамките на организираната „Шкотска вечер на наследството“, илјадници фанови на „Тартан армијата“ се упатија кон култниот стадион „Фенвеј парк“ каде што се играше бејзбол натпреварот на Бостон Ред Сокс. Пред самиот почеток, Шкотите направија масовен марш низ улиците на Бостон со песна и гајди, а потоа на трибините ја донесоа традиционалната европска фудбалска навивачка култура.

Тие со часови сплотено пееја песни, скокаа и правеа незаборавна забава за спорт кој најверојатно не го ни разбираат во целост. Американците беа апсолутно фасцинирани од нивниот дух, па иако Бостон Ред Сокс го загуби натпреварот од Тексас Ренџерс со 6-4, тамошните медиуми едногласно заклучија дека ова е убедливо најзабавниот и најлудиот домашен меч за оваа година на „Фенвеј парк“, потврдувајќи дека овој Мундијал веќе постигнува значаен културен успех на американско тло.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.