Денес започнува 5. коло во најквалитетната фудбалска лига во Македонија, а на распоредот се два натпревари. Екипата на Шкендија од 16:00 часот гостува кај Силекс во Кратово, со цел да ја оствари петтата победа во исто толку натпревари од стартот на новата сезона. Тетовци влегуваат во максимален победнички ритам и атакуваат на нови три бода со кои би ја потврдиле лидерската позиција на табелата.
Пред гостувањето во Кратово, 26-годишниот напаѓач од Габон, Фахд Ндзенгуе, го истакна оптимизмот во таборот на гостите, потенцирајќи дека тимскиот успех е пред секој индивидуален учинок. Тој посочи дека довербата во соиграчите и стручниот штаб е на високо ниво и дека најважно е тимот да победи, без разлика кој ќе го запише своето име меѓу стрелците.
Во вториот натпревар денес, Струга Трим Лум ќе го пречека повратникот во елитното друштво, штипска Брегалница. Домаќинот од Струга ќе бара брзо враќање на победничките патеки, по поразот од лидерот Шкендија во предходното коло. Од друга страна, Брегалница добро ја започна сезоната и засега има половичен учинок од две победи и два порази, а по убедливиот триумф над Башкими во предходното коло, против фаворитот од Струга ќе ја бара својата шанса за победа и нови три бода. Овој натпревар ќе започне од 17:00 часот.

