Тетовска Шкендија продолжи со серијата негативни резултати во ПМФЛ, откако по домашниот пораз од Тиквеш, попладнево одигра само 2-2 против Арсими на гостувањето во Гостивар, иако имаше сигурно водство од два гола.
Избраниците на тренерот Положани добро го отворија мечот и преку капитенот Бесарт Ибраими, кој погоди од маестрален слободен удар, поведоа со 0-1. Набрзо потоа, по центаршут на Ибраими и лошо истрчување на домашниот голман, Малиќи со глава зголеми на 0-2. Шкендија имаше можност целосно да го затвори натпреварот, но Нзенгуе пропушти две колосални шанси за 0-3, по што следеше казната. Во судиското продолжение од првиот дел Контрерас намали на 1-2 по одбиена топка од голманот Рамани, а во вториот дел, по изгубена топка во сопствениот шеснаесетник, истиот играч со прецизен удар израмни на 2-2.
Исто така ефикасно и драматично беше и на пресметката меѓу Тиквеш и Струга ТЛ, која заврши со идентични 2-2. Бразилецот Лусијанињо донесе почетна предност за кавадарчани, но Струга заигра подобро и со погодоците на Агамах и Радески направи целосен пресврт за 1-2. На стружани им беше поништен и трет погодок поради минимален офсајд, по што Тиквеш во самиот финиш преку Ренатињо стигна до израмнување и вреден бод.

