Македонските фудбалски претставници во Конференциската лига на УЕФА, екипите на Шкендија и Силекс, ги дознаа своите противници за претстојното прво квалификациско коло во третото по ранг европско клупско натпреварување. Денешната ждрепка во Нион донесе различен исход за двата наши тима со оглед на нивните почетни позиции, па така тетовската Шкендија, која ја имаше улогата на носител, за противник го доби тимот на Европа од Гибралтар, каде што влегува со улога на фаворит.
Од друга страна, составот на Силекс се најде меѓу неносителите на десната страна од ждрепката, што за противник им го донесе далеку посериозниот тим и поранешен белоруски шампион, Динамо Минск.
Интересно е што двата македонски клуба добија идентичен распоред, па така во првите натпревари ќе мора да гостуваат, додека одлучувачките реванши ќе ги играат на домашен терен во Македонија, при што Шкендија својот втор меч ќе го организира во Скопје. Европското лето за нашите екипи официјално започнува на 9 јули за кога се закажани првите пресметки, а патниците во следната рунда ќе бидат познати по реванш-мечевите кои ќе се одиграат само една недела подоцна, односно на 16 јули.


