Македонскиот фудбалски прволигаш Шкендија и официјално ја потврди разделбата со досегашниот шеф на стручниот штаб, Јетон Беќири. Раководството на тетовскиот тим му се заблагодари за неговиот придонес и му посака многу успеси во иднина.
Беќири заминува како еден од најуспешните стратези во историјата на овој фудбалски колектив. Под негово водство, екипата оствари историски резултат со пласманот во нокаут фазата од Конференциската лига на УЕФА.
„Шкендија објавува дека тренерот Јетон Беќири нема да продолжи да го води нашиот тим следната сезона, по завршувањето на неговиот договор со крајот на натпреварувачката сезона 2025/2026. По заедничка евалуација на периодот на соработка, клубот и тренерот одлучија да се разделат во овој момент, затворајќи важно поглавје во поновата историја на Шкендија. Јетон Беќири го презеде тимот во јануари 2024 година и за време на неговиот престој на црвено-црната клупа го предводеше тимот до шампионската титула во сезоната 2024/2025. Под негово водство, Шкендија го забележа и најуспешниот настап во историјата на клубот во европските натпреварувања, обезбедувајќи учество во лигашката фаза од Конференциската лига на УЕФА и пласман во плејоф фазата од натпреварувањето. Сите ние во КФ Шкендија му се заблагодаруваме на Јетон Беќири за неговиот придонес за време на неговото водење на тимот и му посакуваме здравје и успех во продолжението на неговата професионална кариера“. – соопшти тетовскиот клуб.

