Фудбалерите на тетовска Шкендија уште еднаш демонстираа фудбалска сила на теренот. По одличните изданија во европските квалификации за Конференциската лига, овој пат „жртва” на нивниот пат беше токму нивниот противник за титулата во домашниот шампионат, екипата на Вардар. Иако по првото полувреме натпреварот беше изедначен, тимот предводен од Артим Положани во вториот дел, по направените неколку измени уште на самиот старт, повеќе ја сакаа победата, беа компактни на теренот и одлично тактички поставени, а Вардар немаше решение за нападите на тетовчани.
Натпреварот го отвори Тамба во 52′ минута откако по нафрлена топка од левата страна, мирно реагираше во петерецот на Талески и мирно ја смести топката во голот. Нападите не престанаа, Шкендија продолжи со исто темпо да напаѓа, постигна и втор погодок, но по ВАР консултација истиот беше поништен поради офсајд. Сепак, среќата повторно им се насмевна, а Тамба во 72′ минута повторно погоди во голот на Вардар за конечни 0:2.
За Вардар ова е голем удар, најпрво по раното испаѓање од европските купови, а сега и пораз кој може многу да ги чини во борбата за титулата и тоа против директниот ривал Шкендија. Вардар делуваше лошо на теренот, не создаваше вистински прилики за гол, а единствена светла точка е настапот на младиот Огнен Јаков кој доби шанса на местото на Филип Цветковски во последните минути од натпреварот.

