Шкендија вечерва ја има првата голема првенствена проверка во новата сезона. Тетовскиот тим по трите воведни победи ја пречекува Струга Трим Лум, со јасна цел, да продолжи со максимален учинок и да остане на врвот со четири од четири. Дуелот носи дополнителна тежина и поради фактот што Шкендија конечно ќе има поддршка од своите навивачи. По двата натпревари одиграни без публика, тетовци повторно ќе ја почувствуваат атмосферата од трибините, што се очекува да биде дополнителен мотив во дербито.
Оптимизам пред натпреварот владее и кај Ване Крстевски. Фудбалерот на Шкендија вели дека екипата детално го анализирала противникот и подготвено го дочекува предизвикот.
„Знаеме дека нè очекува силен дуел. Добро го анализиравме противникот и се подготвуваме чекор по чекор. Почетокот со три победи е одличен и се надеваме дека ќе продолжиме во ист ритам“, истакна Крстевски.
Тетовци во досегашниот дел од сезоната имаа и европски обврски, па заморот е фактор со кој тимот мора да се справи. Сепак, фокусот сега е целосно насочен кон домашното првенство и борбата за шампионската титула.
„Настапите во Европа малку нè исцрпија, но сега сме целосно фокусирани на првенството. Се надеваме дека ќе ја освоиме титулата оваа година и следното лето да бидеме уште подобри во Европа“, додаде тој.
Шкендија ќе има и кадровски проблеми за овој натпревар. Во комбинација нема да бидат Бабукар Гаје, Рафаел Фреитас, Марко Ѓорѓиевски и Бојан Димоски, додека Анес Мелиќи ќе го пропушти мечот поради суспензија. Добра вест за стручниот штаб е враќањето на Јован Манев во составот.
Натпреварот ќе се одигра на теренот „Петар Милошевски“ со почеток од 19:00 часот. Главен судија ќе биде Стојанче Трпчевски.

