Други спортови Тенис

Шелтон: Не сум ни близу до играчот што можам да станам

Американскиот тенисер Бен Шелтон го искажа своето разочарување, но и голем оптимизам за иднината по поразот од Александер Зверев во финалето на УС Опен со 3:1 во сетови. За 23-годишниот Шелтон ова беше прво Гренд слем финале во кариерата, кое му донесе големи поуки.

„Разочаран сум од тоа како мина денешниот ден, но среќен сум за борбата што ја покажав во изминатите две недели. Овој пораз боли, но напредокот е повеќе од видлив. На Австралија Опен ќе се обидам да бидам уште посилен од овде“, изјави Шелтон.

Младиот Американец упати големи комплименти за германскиот тенисер, но искрено ги посочи и сопствените грешки и физичкиот замор во завршницата:

„Зверев го има најдобриот сервис во светот. Денеска првпат му направив брејк по дури 66 гема. Кога на тоа ќе се додаде колку е комплетен играч, толку висок, а се движи толку добро, плус е физички совршено подготвен и се подобри на мрежа… При крајот на мечот бев физички уморен и тоа ме фрустрираше. Мојата егзекуција не беше вистинска, не бев прецизен со форхендот и промашував кога имав добри топки на рекетот. Мора да бидам поубоит во тие транзиции кон напад“.

Шелтон проговори и за специфичната ситуација со долгото тапкање на топката од страна на Зверев пред секој сервис, отворајќи ја темата за правилата на турот:

„Разговарав со судијата за тоа. Глупаво е правилото дека јас мора да бидам подготвен на линијата кога знам дека нему му требаат триесетина секунди за сервис. Не знам како да се ограничи времето пред вториот сервис, но мислам дека треба. На никој не му одговара толку долго чекање и ќе видиме дали турнирите ќе созреат за промена на тоа правило“.

На крајот, Шелтон истакна дека играњето во завршницата на најголемите турнири создава зависност и вети дека неговиот вистински висок квалитет дури следува:

„Цел живот бркам подобри од себе, малку подоцна созревам и ми требаат неколку можности. Уште не сум ни близу до играчот што можам да станам. Сепак, фокусиран сум и натпреварувачки настроен, но за да победуваш во вакви финалиња, мора да играш на апсолутно највисокото ниво“, заклучи Американецот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.