Кошарка Меѓународна кошарка

Шејк Милтон го напушти Партизан и потпиша за Хапоел

Доскорешниот кошаркар на Партизан, Шејк Милтон, кариерата ќе ја продолжи во редовите на Хапоел Ерусалим, потврдија денеска од израелскиот клуб. Американскиот 29-годишен бек стави потпис на едногодишен договор и во новата сезона ќе настапува под диригентската палка на српскиот стратег Саша Обрадовиќ.

Милтон не го криеше задоволството од новиот предизвик, истакнувајќи дека пристигнува со голема желба и мотив да му помогне на тимот во остварувањето на сите зацртани цели. Од друга страна, тренерот Обрадовиќ нагласи дека доведувањето кошаркар со богато НБА-искуство претставува потврда за високите амбиции на Хапоел. За услугите на Американнецот постоеше сериозен интерес и од Макаби Тел Авив, но клубот од Ерусалим беше поконкретен и прв стигна до неговиот потпис.

Минатата сезона во дресот на Партизан, Милтон во Евролигата бележеше просек од 6,9 поени и 2,4 асистенции, додека во АБА-лигата имаше учинок од 11,4 поени и 2,6 асистенции по натпревар. Пред да дојде во Европа, тој зад себе изгради повеќегодишна кариера во најсилната кошаркарска лига во светот, каде што ги бранеше боите на Филаделфија, Минесота, Детроит, Њујорк, Бруклин и Лос Анџелес Лејкерс.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.