Актуелниот ракометен шампион Вардар на убедлив начин ја започна одбраната на двојната круна во домашното првенство, совладувајќи го вториот тим на Еурофарм Пелистер со 31:19 во спортската сала „Јане Сандански“.
Битолскиот состав пружи отпор само во воведните минути од средбата, по што скопските црвено-црни направија серија од четири последователни погодоци за водство од 8:4. До крајот на првото полувреме домаќините континуирано ја зголемуваа предноста и на одмор заминаа со висока позитива од 18:9, претворајќи го второто полувреме во чиста формалност.
Стратегот Чупиќ им овозможи минутажа на сите пријавени ракометари за овој натпревар. Најефикасен во редовите на победничкиот табор беше Фадуил со шест постигнати голови, а по пет додадоа Тузолана и Митровиќ. Кај гостинската екипа најистакнат поединец беше Симоновски со четири погодоци.

