Македонски фудбал Фудбал

Шампионот Вардар е фаворит, Шкендија Арачиново се надева на изненадување

Осмото коло во Првата македонска фудбалска лига вечерва од 20:00 часот на комплексот на ФФМ носи исклучително интересен и динамичен судир, актуелниот шампион Вардар го пречекува најпријатното изненадување на стартот од сезоната, екипата на Шкендија Арачиново.

„Црвено-црните“ влегуваат во овој дуел по турбулентниот почеток на шампионатот кој резултираше со рана европска елиминација и тренерска смена, каде на местото на Аргентинецот Кристијан Фабијани пристигна искусниот црногорски стратег Миодраг „Гроф“ Божовиќ. Сепак, со серија од четири меча без пораз, две победи и две ремија, вардарци сакаат конечно да го фатат посакуваниот залет за врвот.

„Вардар е актуелен шампион и кај нас победата е единствена опција за секој натпревар. Го почитуваме одличниот ритам во кој се наоѓа противникот, но тоа е само дополнителен мотив за нас да влеземе максимално подготвени и фокусирани. Одиме на надигрување и ги посакуваме трите бода“, истакна првотимецот Михаил Маневски.

Од друга страна, гостите од Арачиново минуваат низ бајковит период. Со четири последователни триумфи во првенството и Купот, тимот се наоѓа на високото четврто место со 13 бода, два повеќе од нивниот вечерашен ривал и со огромна самодоверба пристигнува на комплексот на ФФМ.

„Ова е меч како и секој друг и носи идентично важни три бода. Го почитуваме Вардар сè додека не започне судиското свирче, но на самиот терен влегуваме без никаков респект. Нашата цел е победа со која ќе ја продолжиме позитивната серија и ќе ги израдуваме нашите верни навивачи“, порача капитенот на Шкендија Арачиново, Бесир Демири.

Вечерниот двобој во Скопје ветува директен судир меѓу шампионскиот императив на Вардар и бескомпромисниот залет на гостите од Арачиново.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.