Шахтјор Донецк подготвува вистинско изненадување за претстојната сезона во Лигата на шампионите, откако раководството на украинскиот гигант започна преговори да ги игра своите домашни натпревари во Лондон, и тоа на стадионот на Челзи, „Стемфорд Бриџ“. Поради познатите случувања во Украина, Шахтјор уште од 2014 година не настапува на својата „Донбас Арена“, а европските мечеви изминативе сезони ги организираше во Полска, Германија и Словенија.
Главниот мотив зад овој потег се одличните односи меѓу двата клуба, зацврстени со трансферот на Михајло Мудрик и хуманитарниот проект „Game4Ukraine“. Дополнително, „Стемфорд Бриџ“ е слободен во европските термини бидејќи Челзи минатата сезона заврши на десеттото место во Премиер лигата и остана без пласман во еврокуповите. Во Шахтјор веруваат дека лесно ќе ги исполнат трибините со капацитет од 40.000 места, имајќи предвид дека во Велика Британија живеат околу 100.000 Украинци. За целата зделка да стане реалност, се чека уште конечно одобрение од УЕФА и од локалните власти во Лондон.

