Репрезентацијата на Сенегал го започна Светското првенство со пораз од Франција, но според африканските медиуми, проблемите на тимот не се само на теренот. Во таборот на африканската селекција владее незадоволство поради неисплатени премии од Африканскиот куп на нации и квалификациите за Мундијалот.
Дополнителна загриженост предизвикува и ситуацијата со селекторот Пап Тиав, кој наводно не примил плата веќе пет месеци, а сè уште нема ниту нов договор со федерацијата. Покрај финансиските проблеми, играчите не се задоволни ниту од условите за престој за време на турнирот.
Според извештаите, дел од репрезентативците дури нарачуваат храна, за да ги одржат потребните стандарди во исхраната. Ваквата атмосфера сигурно не придонесува за мирна подготовка на натпреварите на најголемата светска сцена.
Доколку овие информации се покажат како точни, станува збор за сериозен удар врз амбициите на Сенегал, кој важеше за една од најсилните африкански селекции на турнирот. Во период кога фокусот треба да биде исклучиво на резултатите, репрезентацијата се соочува со проблеми кои можат негативно да влијаат врз атмосферата и настапите на тимот.
По поразот во првото коло, Сенегал нема простор за нов кикс и ќе мора да бара бодови против Норвешка и Ирак доколку сака да остане во трката за пласман во нокаут-фазата.

