Вечерашниот дуел меѓу Франција и Сенегал во Њујорк носи голем влог и силни мотиви за двете репрезентации. Французите на овој шампионат имаат шанса да влезат во историјата како дури трета селекција што успеала да врзе три последователни мундијалски финалиња. „Триколорите“ покажуваат неверојатен континуитет со дури четири изборени финалиња од 1998 година наваму. Со Килијан Мбапе на теренот, кој веќе има постигнато 12 мундијалски голови, и искусниот Дидие Дешам на клупата, Франција влегува во овој дуел како апсолутен фаворит.
Од друга страна, Сенегал го игра својот трет последователен Мундијал, што е воедно и најдобра активна низа за една африканска селекција. Интересно е што Сенегалците на досегашните 12 средби на Светските првенства успеале да ја сочуваат мрежата чиста само еднаш, и тоа токму на дебито во 2002 година кога ја шокираа тогашната светска јавност со победата над актуелниот шампион Франција со 1-0. Со Садио Мане назад во составот и селекторот Папе Тјау, кој како играч асистираше за пласманот во историското четвртфинале пред 24 години, Сенегал верува дека повторно има рецепт за голем резултат.

