Само седум дена по жестоката пресметка во Лига купот во која Ренџерс славеше со убедливи 3:0 на „Ајброкс“, најголемото и најстраствено шкотско ривалство се сели на спротивниот крај од Глазгов. Денеска од 13:00 часот, „Селтик Парк“ ќе биде домаќин на првиот овогодишен „Олд Фирм“ во Премиершип, но овојпат во специфична атмосфера, исклучиво пред домашни навивачи, поради строгите безбедносни забрани на градските власти за гостувачки фанови.
За екипата на Селтик овој дуел пристигнува во момент на ненадејна криза и разнишана самодоверба. Иако „детелинките“ имаат перфектен скор од шест победи во воведните шест првенствени кола, двата последователни порази, оној од вечниот ривал во купот и европскиот шамар од Ференцварош, го ставија предводникот Мартин О’Нил под сериозен притисок. Триумф во денешното дерби би значел одлепување на огромни осум бода предност на врвот од табелата, но искусниот стратег има сериозни главоболки околу формата на играчите, каде само капитенот Калум Мекгрегор, Киран Тирни и Камерон Картер-Викерс се сигурни во стартниот состав.
Од друга страна, Ренџерс пристигнува со огромна позитивна енергија по серијата од пет последователни победи во сите натпреварувања. Менаџерот Дерек МекИнес има можност да го повтори историскиот подвиг на легендарниот Волтер Смит од далечната 1991 година, да ги добие своите први две „Олд Фирм“ дербиња на клупата на „полицајците“. Во офанзивниот дел МекИнес ги вага сите опции, каде покрај Кевин Келси и Рајан Надери, во комбинација за напад е и македонскиот репрезентативец Бојан Миовски, кој го чека својот момент да заблеска во најголемиот шкотски фудбалски спектакл.
Традицијата од последните три гостувања на „Селтик Парк“, каде Ренџерс славеше дури двапати и ефикасноста на изминатите шест дербија ветуваат уште една драма исполнета со емоции, тактичко надмудрување и бескомпромисна битка за престижот на Глазгов.

