Европски првенства Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија

Селекторот Лазаров предупреди пред гостувањето во Грција: Нè чека сериозен противник!

Македонската ракометна репрезентација победнички ги отвори квалификациите за Европското првенство во 2028 година, совладувајќи го Луксембург со 41-23 во Скопје. Селекторот Кирил Лазаров беше задоволен од пристапот на своите избраници, но веќе ги насочи мислите кон гостувањето во Грција. Лазаров по натпреварот го истакна задоволството од играта, добрата подготовка и фактот што успеал да ја распредели минутажата, со цел да ги сочува силите на поискусните ракометари.

„Задоволен сум од начинот на кој момците пристапија кон натпреварот и од нивниот ангажман. Иако немавме многу време за подготовка, успеавме добро да ја завршиме работата и да го вклучиме новиот играч во нашиот систем. Ми се допадна начинот на кој функциониравме во нападот, а особено фактот што успеавме да одржиме високо темпо во текот на сите 60 минути. Исто така, успеавме да заштедиме дел од силите, што е важно во овој дел од сезоната“, изјави Лазаров.

Селекторот потенцираше дека Македонија ја очекува многу посериозен противник и тежок натпревар на гостински терен, па подготовката ќе мора да биде максимално сериозна.

„Нè очекува пеколен натпревар против одлична репрезентација. Грција покажа квалитет, особено со победите над Холандија на патот кон Светското првенство. Ќе мора добро да се подготвиме, и тактички и психолошки, бидејќи може да се случат различни сценарија. Најважен ми е пристапот и начинот на кој ќе играме, а не само конечниот резултат“, порача македонскиот селектор.

Следниот предизвик за Македонија е гостувањето кај Грција на 8 ноември, со почеток од 16:00 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.