Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, на прес-конференција го образложи списокот на повикани фудбалери за последните два натпревари во Б-сегментот од Лигата на нации против Шкотска и Словенија. Во фокусот на јавноста очекувано беше отсуството на напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски, за кого кормиларот на нашиот национален тим потенцираше дека причината е исклучиво недостатокот на натпреварувачки ритам.
Седлоски подвлече дека главниот критериум за влез во репрезентацијата е редовната минутажа во матичните клубови, но истовремено нагласи дека Миовски не е отпишан за во иднина.
„Миовски долго време нема минутажа во Глазгов Ренџерс и затоа се одлучив за други четири опции во нападот. Тој во никој случај не е избришан од составот, кога ќе има поголема минутажа и кога стандардно ќе настапува, повторно ќе биде повикан. Тука нема простор за лутење, и јас кога бев фудбалер, кога не играв во клубот, не бев повикуван. Мојот принцип е јасен, оние кои немаат настапи за своите тимови, нема да добиваат повик“, истакна Седлоски.
Предводникот на нашиот национален тим бара од своите избраници потполна посветеност, борбеност и дисциплина на теренот за да се исправат грешките од претходните мечеви и конечно да се запише позитивен резултат.
„Списокот брои 23 фудбалери и тројца голмани. Знаеме за какви селекции станува збор бидејќи веќе игравме со нив. Тргнуваме со цел да ги поправиме грешките, посебно оние од првиот меч со Шкотска. Претходните резултати мора да ги заборавиме. Од играчите барам да го остават срцето на теренот, да има трка, голема желба и дисциплина во играта. Се одлучив за овој тим бидејќи сите овие момци имаат минутажа во своите клубови“, додаде селекторот.
Македонија прво му гостува на составот на Шкотска во Глазгов на 13 ноември, а три дена подоцна, на 16 ноември, пред домашната публика го заокружува настапот во Лигата на нации против репрезентацијата на Словенија.

