Репрезентација на Македонија Фудбал

Седлоски пред Швајцарија: Не е важно со каков тим доаѓаат тие, важни сме само ние!

Фудбалската репрезентација на Македонија ги ситни последните часови пред историската премиера во Б-дивизијата од Лигата на нации. Во сабота од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, „црвено-жолтите“ го играат првиот меѓусебен дуел во историјата против моќната селекција на Швајцарија.

На официјалната прес-конференција, селекторот Гоце Седлоски потенцираше дека фокусот е ставен исклучиво на сопствениот квалитет и дека атмосферата во тимот е на највисоко ниво.

„Овие четири тренинзи сите ги одработија максимално и од сите играчи сум презадоволен, сите знаат што треба да се работи на терен. Против секој ривал треба да играш, па така и против моќната Швајцарија. Со помош на публиката верувам дека можеме до поволен резултат. Ние не гледаме премногу на противникот, знаеме дека имаат силен ростер и без оние кои отсуствуваат. Сепак, сакам да размислувам дека само ние самите сме важни. Ги знам сите детали за Швајцарија, Растодер и Алиоски ми пренесоа некои детали, така што ништо нема да ни недостига околу противникот.“

Сите репрезентативци се здрави и во целосен тренажен процес, со исклучок на Бобан Николов кој го пропушта овој дуел. Седлоски посебно се осврна и на младиот талент Матеј Гаштаров од Црвена Звезда:

„Матеј Гаштаров го следев уште од младата репрезентација и уште тогаш ми даде сигнал. Сака да игра за Македонија и не го погази зборот. Дали ќе добие шанса на утрешниот натпревар или на некој од наредните уште не сум одлучил, ќе дефинирам по последниот тренинг.“

За Седлоски ова ќе биде петти меч на клупата на Македонија, но прв пред домашната публика во Скопје. На трибините се очекува голема поддршка, а нашиот национален тим влегува со јасна амбиција да покаже храбра игра и да го отвори новото поглавје со позитивен резултат.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.