Македонија ја очекува нов предизвик во Лигата на нации, а по двата стартни порази од Швајцарија и Словенија, селекторот Гоце Седлоски се соочува со задача да го подигне тимот пред домашниот дуел со Шкотска.
На официјалната прес-конференција пред натпреварот, Седлоски зборуваше за досегашниот тек на натпреварувањето, но и за процесот на создавање нова репрезентативна селекција. Тој побара поддршка за фудбалерите и порача дека презема одговорност за резултатите и случувањата околу тимот.
„Поразите во првите две кола сигурно не се пријатни. Сепак, ги молам медиумите и јавноста за максимална поддршка за сите овие момци во националниот тим. Екипата е значително подмладена, а тој процес ќе продолжи во договор со Федерацијата. Сите критики нека бидат упатени кон мене. Наша цел е да создадеме нови играчи кои ќе го носат тимот, а тој процес не се случува преку ноќ“, изјави Седлоски.
Селекторот е свесен дека настапот во Лига Б носи силни противници и бара максимална концентрација во секој натпревар. Сепак, верува дека Македонија мора да се обиде да го наметне својот начин на игра, наместо да дозволи противникот да го диктира темпото.
Во пресрет на дуелот со Шкотска, Седлоски посебно предупреди на начинот на кој противникот ја гради играта и на опасноста која ја носи во завршницата на акциите.
„Рангот во кој се наоѓаме бара максимум. Играме во Лига Б каде репрезентациите се исклучително квалитетни, но јас точно знаев во каков предизвик влегувам. Што се однесува до Шкотска, станува збор за тим кој форсира долги топки и опасна игра во шеснаесетникот. Никако не смееме да го прифатиме нивниот ритам и стил, бидејќи тоа би било кобно за нас. Мораме да одговориме со наша игра и навремена реакција“, порача македонскиот селектор.

