Пред македонската фудбалска селекција е сериозен предизвик на гостински терен во Истанбул. Претстојната средба против силниот состав на Турција е многу повеќе од обичен контролен натпревар, таа ќе покаже во која насока се движи процесот на формирање на тимот кој го започна селекторот Гоце Седлоски. Откако на претходниот дуел со Босна и Херцеговина шанса од првата минута добија тројца нови фудбалери, предводникот на нашата репрезентација продолжува да го формира новиот костур на тимот. Сепак, главната дилема е колку неговата фудбалска визија може да донесе резултат на жежок терен против фаворизиран противник.
Во пресрет на овој дуел, селекторот Гоце Седлоски изјави:
„Играме со една силна репрезентација како Турција и ќе се обидеме да го дадеме најдоброто. Ние сме во период на транзиција, а во составот имаме неколку нови имиња и од нив имавме три стартери против БиХ. Турција е голем предизвик, имаат одлични индивидуалци, но верувам дека сите што ќе добијат шанса ќе ја искористат. Ние се подготвуваме максимално за секој нареден натпревар“.
Седлоски отворено признава дека неговиот тренерски потпис подразбира напаѓачки фудбал и дека дефанзивата едноставно не му е во крвта. Сепак, тој е доволно прагматичен за да знае дека против силни поединци какви што има Турција, клучниот збор ќе биде дисциплината. Предводникот на нашиот национален тим порачува дека секогаш бара максимална одговорност на теренот, потсетувајќи дека се соочуваме со навистина моќни селекции. Тој сака офанзивна игра и нагласува дека не е тип на тренер кој сака да се брани, но истовремено е свесен дека некогаш и противникот се прашува за случувањата на теренот.
Токму затоа, македонските фудбалери утревечер ќе мора да пронајдат идеален баланс помеѓу желбата да го нападнат противникот и реалноста која налага цврст блок во моментите кога домаќинот ќе го диктира темпото на играта.

