Европски првенства Македонски фудбал Меѓународен фудбал Репрезентација на Македонија Фудбал

Седлоски ги откри картите: Ќе се бориме за победа на сите четири натпревари!

Долгоочекуваниот список на Гоце Седлоски е објавен, а македонскиот селектор пред стартот на Лигата на нации најави голема борба, максимален ангажман и можност за поголема ротација поради згуснатиот распоред. Македонија во само десетина дена ќе одигра четири натпревари, па токму тоа било една од причините Седлоски да повика поширок состав. На списокот има комбинација од поискусни репрезентативци и млади фудбалери, а посебно внимание привлекува фактот што дури шестмина доаѓаат од Првата македонска лига.

Селекторот смета дека играчите од домашното првенство со своите настапи го заслужиле повикот, а меѓу нив ги издвојува Азер Омерагиќ и Христијан Малески, кои зад себе имаат ефикасна сезона. Седлоски очекува Македонија да биде компактна и верува дека репрезентацијата има квалитет да се спротивстави на силните противници во групата.

„Желбата ми е да ги победиме сите четири натпревари, но реалноста е дека и противниците имаат свои квалитети. Швајцарија ќе биде фаворит, но мислам дека можеме да се носиме и со нив, како и со Шкотска и Словенија“, истакна селекторот.

Посебно задоволство кај Седлоски предизвикува ситуацијата со Елиф Елмас, кој пронајде средина во која се очекува да има поголема минутажа. Слична е ситуацијата и со Бојан Миовски, за кого селекторот откри дека имал разговори околу неговиот статус во Ренџерс. Нападот останува една од областите на кои ќе се работи, особено по серијата од четири натпревари без постигнат гол. Сепак, Седлоски верува дека офанзивниот потенцијал може да дојде до израз, додека средниот ред го смета за еден од главните адути на тимот.

По четирите септемвриско-октомвриски натпревари, Македонија ќе има уште две средби во ноември – гостување кај Шкотска и домашен дуел со Словенија. Резултатите во групата ќе имаат значење и надвор од самата Лига на нации, бидејќи конечниот пласман ќе влијае врз позицијата на Македонија при ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2028 година.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.