По новиот пораз од Швајцарија во Лигата на нации, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, излезе пред медиумите со порака дека нема намера да се повлече и покрај серијата негативни резултати и загрижувачката офанзивна стерилност.
Македонскиот стратег истакна дека репрезентацијата имала тактички квалитетен почеток во Луцерн, но дека поединечните грешки ги решиле сите дилеми околу победникот:
„Имавме совршено прво полувреме сѐ до оној примен гол пред паузата, но индивидуалните грешки што ги направивме, репрезентација од рангот на Швајцарија едноставно не ги простува. Морам да истакнам дека две-три шанси што ги креиравме во првиот дел мораше да ги искористиме, бидејќи противникот од најмал простор ни го казни секој пропуст. И покрај сè, во одредени моменти покажавме дека можеме да се носиме со вакви ривали, иако дополнителен проблем ни прави и тоа што дел од играчите немаат редовна минутажа во своите клубови.“
Седлоски се осврна и на проблемите со реализацијата, потенцирајќи дека им даде шанса на сите офанзивни опции во тимот, но најави жестока работа пред ноемвриските пресметки против Словенија во Скопје и Шкотска на гостински терен:
„Ги пробав сите напаѓачи уште од првиот меч, но очигледно ни фали тој завршен гол и за жал во моментов не успеваме да го постигнеме. Мора да продолжиме со работа. Не застанувам тука, ниту имам намера да се предадам. Бев борец како фудбалер, таков ќе останам и како селектор. Се наоѓаме во исклучително тешка ситуација, но борбата продолжува.“

