Други спортови Тенис

Се врати на терените по 16 месеци, па доби морничави пораки од обложувачи!

Британската тенисерка Џоди Бериќ се соочи со сериозни навреди и смртни закани на социјалните мрежи по поразот на турнирот во Ченај, каде што го одигра својот прв меч во главната ждрепка на ВТА-турнир по пауза од 16 месеци. 27-годишната тенисерка, која моментално се наоѓа на 474. место на светската ранг-листа, загуби од домашната претставничка Ваишнави Адкар со 2:1 во сетови (3:6, 6:3, 7:5), иако имаше добар почеток на средбата.

По натпреварот, Бериќ објави видео на својот Инстаграм-профил, во кое ги покажа вознемирувачките приватни пораки што ги добила.

„Навистина убав пречек по враќањето на турнирите. Сега се потсетив зошто си заминав“, напиша Британката, алудирајќи на навредите и заканите.

Поддршка изрази и германската тенисерка Ева Лис, која ја означи ВТА на социјалните мрежи и јавно побара реакција на ваквото однесување.

Проблемот со онлајн-злоупотребите во тенисот е сè поизразен. Според податоците на компанијата „Сигнифај груп“, тенисерките во текот на минатата година биле изложени на повеќе од 12.000 навредливи објави и пораки. Особено загрижувачки е податокот дека значителен дел од нив доаѓаат од незадоволни обложувачи, кои негативно реагираат поради изгубени облози.

Слично искуство претходно сподели и британската тенисерка Кејти Болтер, која откри дека и самата добивала смртни закани. Ваквите случаи повторно го отворија прашањето за заштитата на спортистите на социјалните мрежи и потребата од посериозни мерки против анонимните профили што упатуваат закани и навреди.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.