Меѓународен фудбал Фудбал

Санти Казорла стави крај на магичната кариера

Шпанската фудбалска легенда Санти Казорла официјално стави крај на својата богата професионална кариера. Искусниот играч за врска го исполни последното ветување и ги закачи копачките на клин во редовите на матичниот Реал Овиедо. Преку емотивно видео на социјалните мрежи, Казорла ја спореди својата фудбалска приказна со бројот осум и знакот за бесконечност. Тој истакна дека кругот се затвора токму таму каде што започна целата магија во неговото детство, далеку од рефлекторите на големите стадиони.

Казорла во кариерата остави длабока трага настапувајќи за Вилјареал, Малага, Арсенал и Ал-Сад. Со секој од овие клубови освојуваше трофеи, а во дресот на Шпанија запиша 81 настап и две европски круни. Неговиот фудбалски пат ќе остане запаметен и по нестварната медицинска битка. По тешката повреда во 2013 година, тој се соочи со сериозна инфекција која му уништи дури осум сантиметри од Ахиловата тетива. Иако првичните прогнози беа црни и најавуваа инвалидитет, неговиот нескршлив дух му овозможи уште долго да магистрира на терените.

Неговото враќање во Овиедо во 2023 година претставуваше една од најромантичните приказни во модерниот фудбал. Шпанскиот ас прифати минимална плата дозволена со закон и ги отстапи своите маркетиншки права на клубот. Единствен услов му беше десет отсто од продажбата на неговиот дрес да оди директно за развој на младинската академија. На негова несреќа, Овиедо минатиот мај испадна од Примера. Сепак, раководството веднаш порача дека Санти останува дел од семејството и дека вратите за него се ширум отворени за која било нова функција во иднина.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.