Сан Антонио Спарс продолжува со кроење на тимот за нов напад на НБА титулата. Искусниот Тобајас Херис постигна договор со франшизата од Тексас и потпиша двегодишен договор вреден 31 милион долари, пренесува инсајдерот Кели Ајко. Договорот е целосно гарантиран, а 34-годишното крило треба да донесе огромно искуство во екипата која минатата сезона стигна до големото НБА финале, каде што претрпе пораз од Њујорк Никс.
Херис зад себе има уште една доста солидна сезона во најсилната кошаркарска лига. Во дресот на Детроит Пистонс тој просечно бележеше по 13,3 поени, 5,1 скок и 2,5 асистенции по натпревар. Тој беше важен дел од тимот на Пистонс кој со 60 победи заврши како првопласиран во Источната конференција.
Иако во досегашната кариера никогаш не успеал да стигне подалеку од второто коло во плејофот, Херис зад себе има дури 81 натпревар во доигрувањето и репутација на еден од најсигурните ветерани во лигата. Токму тоа богато искуство е главната причина поради која Спарс се одлучија да го ангажираат.
Управата на Сан Антонио летово јасно покажува дека сака веднаш да тргне по шампионскиот прстен. По минатогодишниот голем успех, клубот продолжува да го опкружува младиот Виктор Вембањама со проверени и искусни кошаркари, а Херис треба да донесе дополнителна стабилност на крилните позиции, но и исклучително важен лидерски придонес во соблекувалната.

