Финалните пресметки во Западната конференција на НБА лигата ја достигнуваат својата најжешка точка, носејќи ни ја сета возбуда и непредвидливост што само најсилната кошаркарска сцена на светот може да ги понуди. Иако многумина сметаа дека актуелниот првак веќе го има клучот за оваа серија, тимот од Тексас покажа неверојатна ментална сила и пред своите навивачи испрати јасна порака дека нема намера предвреме да го развие белото знаме.
Сан Антонио Спарс експресно се рехабилитираа од претрпениот „брејк“ и на домашен терен убедливо ја совладаа Оклахома Сити Тандер со 103:82, враќајќи ја финалната серија на Западот во комплетен егал (2:2). „Мамузите“ одиграа перфектен натпревар и ја поништија предноста на гостинскиот терен на противникот, осигурувајќи уште најмалку два меча во оваа жестока пресметка.
Шампионот имаше минимално водство од 8:7 на самиот старт, што се покажа како нивна последна предност на средбата. Сан Антонио одговори со фуриозна серија од 16-0 и го презеде кормилото на натпреварот. Оклахома се обидуваше да остане во игра (43:38), но Спарс со силен финиш во втората четвртина и серија од 7-0 заминаа на пауза со двоцифрен плус (50:38). Последниот обид за отпор на гостите на стартот од второто полувреме беше експресно згаснат со нов брутален налет на домаќините од 15-0, по што разликата брзо порасна на максимални 27 поени (72:45).
Прво име кај победниците беше незапирливиот Виктор Вембањама со монструозна партија од 33 поени, 8 скокови, 5 асистенции и 3 блокади. Поддршка доби од Кастл и Весел кои уфрлија по 13 коша, додека Фокс оствари дабл-дабл со 12 поени и 10 скокови. Кај Оклахома потфрли актуелниот МВП, Шеј Гилџис-Александер, који застана на скромни 19 поени со слаб шут од игра (6/15). Харлештајн додаде 12 поени, а скромна минутажа во финишот доби и српскиот плејмејкер Никола Топиќ, кој забележа по два поени и асистенции.
Следниот петти натпревар се игра на теренот на Оклахома во ноќта меѓу вторник и среда, додека серијата се враќа во Тексас два дена подоцна.

