Репрезентацијата на Египет обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство по голема драма и подобро изведување на пенали против селекцијата на Австралија. Натпреварот во регуларниот дел и по продолженијата заврши со нерешени 1:1, по што „фараоните“ беа посмирени во пенал-лотаријата и славеа со 4:2. Со овој триумф Египет во следната фаза ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Аргентина и Зелено’ртските Острови.
Австралија многу подобро го отвори натпреварот и уште во раната фаза беше блиску до водство, но ударот на Кристијан Волпато заврши во пречката. По периодот на претпазлива игра на двете страни, Египет поведе во 36-та минута со погодокот на Емам Ашур, кој одлично реагираше со глава по центаршутот на Хафез. „Кенгурите“ се вратија во игра на стартот од второто полувреме, кога Мохамед Хани несреќно си постигна автогол во 55-та минута за израмнување на 1:1.
Во остатокот од средбата двете селекции главно тактизираа и не преземаao преголем ризик во нападот. Најголемите возбудувања се случија во самиот финиш од регуларниот дел, кога австралискиот голман Бич со одлични одбрани ги сопре клучните удари на Салах и Рамија. Бидејќи и во дополнителните триесет минути мрежите мируваа, победникот се решаваше преку пенали. Таму Египет покажа поголема концентрација, а најубавиот момент го одбележа токму Мохамед Салах, кој ладнокрвно со атрактивна „паненка“ го завери големиот триумф.

