Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Саибари испиша историја како ниту еден фудбалер надвор од Европа и Јужна Америка!

Репрезентацијата на Мароко по вистинска борба успеа да го совлада жилавиот Хаити со 4-2, со што го завери второто место во групата и си закажа спектакуларен дуел против моќната Холандија. Иако на хартија се очекуваше рутинска победа, карипската селекција покажа заби, прва поведе преку Џозеф, а потоа имаше и предност од 2-1. Сепак, Мароканците во продолжение ги консолидираа редовите и со головите на Хакими, Јасин и Рахими стигнаа до посакуваните три бода.

Натпреварот комплетно помина во знакот на неверојатното остварување на Исмаел Саибари, кој пред крајот на првото полувреме погоди за 2-2 по фантастичниот центаршут на Хакими. Ова беше негов трет гол на шампионатот, по претходните погодоци против Бразил и Шкотска, со што офанзивецот се лансираше во мундијалската историја.

Со овој гол, Исмаел Саибари стана првиот дебитант во историјата на Светските првенства кој не доаѓа од Европа или Јужна Америка, а успеал да се запише во листата на стрелци на сите три натпревари од групната фаза.

Интересно е што Саибари воопшто не беше дел од култниот состав на Мароко кој блесна во Катар во 2022 година, но сега во Северна Америка ги дочека своите пет минути слава.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.