Фудбалската репрезентација на САД е меѓу првите селекции кои обезбедија пласман во следната рунда на Светското првенство, откако ја совлада Австралија со 2-0 во натпревар од групата Д.
По убедливата победа над Парагвај во првото коло, домаќините продолжија во ист ритам и со максимални шест бода веќе можат да размислуваат за елиминациската фаза.
Австралија можеше да изненади уште во првата минута, но обидот на Мохамед Туре беше успешно запрен. Американците брзо воспоставија контрола, а во 11. минута стигнаа до водство. По продор на Фоларин Балогун и остар центаршут, Камерон Бурџис несреќно ја затресе сопствената мрежа.
Пред паузата САД ја удвоија предноста. По мешаница во шеснаесетникот, Фриман најдобро се снајде и погоди за 2-0, а ВАР потврди дека голот е регуларен.
Во второто полувреме Австралијците се обидоа да се вратат во игра, создадоа неколку солидни прилики, но не успеаја сериозно да го загрозат противничкиот гол. Завршницата донесе многу нервоза, остри дуели и седум жолти картони.
Со новите три бода, САД го потврдија квалитетот и ја продолжија успешната серија пред своите навивачи, додека Австралија ќе мора да бара шанса за спас во последното коло.

