Арина Сабаленка продолжува со променливите настапи, а по разочарувањето во Пекинг, белоруската тенисерка доживеа нов тежок удар на турнирот во Вухан. Првата носителка на турнирот беше елиминирана уште во првото коло, откако Американката Ен Ли славеше со 2:1 во сетови (3:6, 6:4, 7:6) во меч со неверојатен расплет.
Сабаленка имаше одлична можност да го реши дуелот во своја корист, но повторно не успеа да ја задржи стабилноста во клучните моменти. Иако поведе со 1:0 во сетови, а во вториот имаше предност и се најде на чекор до водство од 2:0, следуваше пад што Ли знаеше максимално да го искористи.
Белорусинката го доби првиот сет со 6:3, но во продолжението работите тргнаа во друга насока. Сабаленка имаше предност во вториот сет и сервираше за водство од 5:3, но Американката возврати со серија од четири последователно освоени гема и израмни на 1:1.
Вистинската драма се случуваше во решавачкиот сет. Ли поведе со 5:2 и во осмиот гем имаше дури пет меч-топки, но не успеа да искористи ниту една. Сабаленка се врати во игра, ги спаси сите опасности, а потоа успеа и да направи брејк, со што целосно го врати неизвесниот дуел. Белорусинката имаше можност психолошки да ја скрши противничката, особено откако спаси уште две брејк-топки, но драмата продолжи и во тај-брејкот. Таму повторно имаше шанси да го продолжи мечот, но Ли остана посмирена во завршницата и го доби тај-брејкот со 7:5 за голема победа.
За Сабаленка, ова е ново разочарување по неуспехот во Пекинг, каде што беше елиминирана од Никола Бартункова во второто коло. Иако минатиот месец играше финале на УС Опен, белоруската тенисерка сè уште не успеала да освои титула по триумфот во Индијан Велс во март. Од друга страна, Ен Ли, која се наоѓа на 31. место на светската ранг-листа, со оваа победа обезбеди пласман во осминафиналето, каде што ќе се соочи со Индонезијката Џенис Тјен.

