Арина Сабаленка повторно привлече внимание на терените на УС Опен, но овојпат не само со својата игра, туку и со модната комбинација во која се појави на турнирот во Њујорк. Најдобрата тенисерка во светот настапи во впечатлив фустан од мрежест материјал во портокалова боја, инспириран од кошаркарски дрес, под кој носеше спортски градник и шорц. Нејзиниот изглед предизвика различни реакции кај навивачите, а дел од нив сметаа дека ваквата комбинација не му прилега на имиџот на светската тенисерка број еден.
Сабаленка, сепак, нема намера да се оптоварува со критиките и јасно порача дека најважно е таа да се чувствува добро во она што го носи.
„Кој се грижи што мислат луѓето? Мене ми се допаѓа“, кратко одговори Белорусинката на прашањето за реакциите околу нејзиниот стајлинг.
Нејзината комбинација е дел од концептот на „Најки“ за оваа сезона, во кој облеката на Сабаленка на секој Грен слем е тематски поврзана со градот и турнирот на кој настапува. Така, инспирацијата во Мелбурн била сурфањето, во Париз балетот, на Вимблдон крикетот, додека за Њујорк изборот паднал на кошарката.


